Со овој закон се уредува постапувањето со децата во ризик и децата сторители на дејствија што со закон се предвидени како кривични дела и прекршоци. Законот уредува услови и процедури за примена на мерки за помош, грижа и заштита кон овие деца, како и за примена на воспитни и алтернативни мерки. Исто така, законот се однесува и на начинот на казнување на децата и помладите полнолетни лица кога станува збор за кривични или прекршокни дела.
Клучните принципи во сржта на правдата за децата се:
- Најдобриот интерес: Во сите дејствија каде што децата се директно или индиректно вклучени илизасегнати од правосудниот систем, првенствена важност треба да му се даде на најдобриот интерес на детето. При преземањето на било какво дејствие мора да се размислува за тоа како тоа дејствие ќе влијае врз детето или на групите деца, за да се поведе сметка дека нивните најдобри интереси биле земени предвид.
- Недискриминација: Принципот на недискриминација значи дека не треба да се прави разлика, ограничување, исклучување или да се дава предност на кое било дете врз основа на раса, боја на кожа, пол, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално, етничко или социјално потекло, имот, попреченост, раѓање или друг статус.
- Право да се биде сослушан: Правото на сослушување гарантира дека секое дете кое е способно да формира став може слободно и целосно да се изрази во однос било кое прашање што може да го засега.
- Заштита: Принципот на заштита е директно поврзан со неговиот најдобар интерес. Ја нагласува потребата од дополнителни мерки и заштита поради ранливоста на детето и должноста да се обезбеди оваа заштита. Заштитата на добросостојбата на детето значи обезбедување на стручна и образовна обука, како и воспоставување заштитни мерки за ограничување на се што може да го попречи таквиот развој.
Целта на ЗПД и неговата примена се насочени кон остварување на приоритетни интереси и заштита на децата. Ова вклучува заштита од криминални активности, насилство и било каков вид загрозување на нивните слободи и права, како и нивниот оптимален развој. Законот се става за цел заштита и поддршка на децата кои се сторители на дела што се сметаат за кривични или прекршокни, исто така, целта е и нивна социјализација, воспитување и превоспитување.
https://www.pravda.gov.mk/upload/Documents/Zakon%20za%20pravda%20na%20deca.pdf